ПИЛОТ ПРОЕКТ - ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА ГРАДИНКА

Општина Аеродром во соработка со проектот на УНДП „Ублажување на климатските промени преку подобрување на енергетската ефикасност во градежниот сектор“ од 10.1.2012 година почнаа со комплетна реконструкција на градинката „Калинка“ како пилот-проект за создавање целосно енергетски ефикасна градинка, прва во Република Македонија.

За таа цел занималните во градинката „Калинка“, која всушност претставува стара барака, ќе се расчистуваат од инвентарот и од другите материјали и средства, по што ќе се почне со реконструкција на просториите.

Реконструкцијата на објектот опфаќа промена на покривот и ѕидовите, поточно ќе се заменат дрвените со нови бетонски ѕидови, ќе се менуваат вратите како и прозорците со нови модерни ПВЦ прозорци со висококвалитетна изолација, ќе се промени комплетно и електричната инсталација, а ќе се стави и нова фасада со термичка изолација.

Исто така, ќе се постават сончеви соларни колектори преку кои ќе се обезбедува топла вода, така што ќе се редуцираат трошоците, односно ќе се штеди енергијата.

Ова практично значи дека градинката „Калинка“ ќе биде реконструирана согласно сите мерки за енергетска ефикасност што важат во ЕУ и ќе биде првиот целосно енергетски ефикасен објект во Република Македонија.

Реконструкцијата на градинката се изведува според елаборатот за енергетска ефикасност направен од експерти од Република Чешка по претходно направена целокупна анализа на објектот.

Се предвидува поголемите градежни зафати и активности да се одвиваат за викендите, така што децата ќе бидат максимално заштитени од какви било негативни влијанија при реновирањето.

Проектот се спроведува со заедничка соработка на УНДП и Министерството за животна средина и просторно планирање, а финансиран е од Австриската Развоја Кооперација. Во реконструкцијата на градинката „Калинка“ Општина Аеродром учествува со околу 4 милиони денари.

Градинката Срничка сега:

и по завршувањето на предвидените активности:

Новоста  е  објавена  на: 2012-01-26 10:06:50Извор: UNDP, 11.1.2012