СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ НА НИСКОЕНЕРГЕТСКИ ОБЈЕКТИ

На 25 Јануари 2012г. беше промовирана првата комерцијална нискоенергетска зграда градена на територијата на Општина Карпош. Станува збор за приватна ионвестиција на фирмата „ВЕНС Инженеринг“ која вградува високи стандарди во веќе изградениот објект на ул. Струшка бр. 11а и на другите два кои сега се во фаза на градба на истата улица бр. 9в и 8а. Тие се меѓу ретките примери на инвеститори, кои воедно се пионери и промотори на изградба на објекти кои користат обновливи извори на енергија за затоплување и кои прават заштеда на енергијата, односно трошат помалку од 50 kWh/m2 енергија на годишно ниво и ако се спореди по категоризацијата од европските земји е првиот кандидат да добие „енергетски пасош“ од А-категорија.

Инаку во презентацијата, градоначалникот на Општина Карпош Јакимовски го најави и носењето на Правилникот со кој ги дефинира горните дозволени граници, кои инвеститорите на станбени и нестанбени објекти и реконструкциите, мора проектантски да ги применат (како мерки на термоизолација, врати и прозорци и употреба на обновливи извори на енергија) како услов за добивање на градежна дозвола.

Иако поминаа повеќе од три години од донесувањето на Законот за енергетика, рече тој, Владата на Република Македонија и ресорните министерства сеуште не ги донесоа Правилниците и методологиите за енергетските контроли, а со тоа и обврските за новите градби и реконструкции.

За да се стимулира изградбата на вакви објекти во Општината до донесувањето на Правилник од страна на државата, Јакимовски најави дека, ќе важи новиот Правилник на Општина Карпош кој треба да го усвои Советот на наредната седница. Во него се предвидени субвенции во надоместокот за градежно земјиште што ги плаќаат инвеститорите. Поточно 20 отсто од уплатените комуналии, ќе им бидат вратени на инвеститорите на вакви објекти, што е големо финансиско олеснување за нив, а ќе влијае и врз цената на ваквите ниско енергетски станови.

Општината Карпош целосно ги поддржува ваквите инвеститори кои заслужуваат на сите нивоа, и државно и локално, да бидат субвенционирани и поддржани,изјави тој. Сметаме дека на овој начин, сопствениот пример за примена на мерки за енергетска ефикасност ќе го пренесеме, не како исклучок, како што се овие три објекта на ул. Струшка, туку како правило на однесување и размислување за сите инвеститори и градители на територијата на Општина Карпош. Инаку овие станови, како што изјави Милош Константинов, сопственикот на фирмата „ВЕНС Инжињеринг“ која ги изгради овие објекти , се со иста пазарна цена како и сте комерцијални станови во градот, односно околу .1.200 евра по квадратен метар иако внатре се вградени врвни материјали по европски стандарди и по стандардите за заштеда на енергијата

Со тие стандарди се исполнуваат нормите за нискоенергетски и енергетски ефикасни објекти, изјави Константинов.

Општина Карпош како прва од единиците на локална самоуправа ја донесе и ја реализира Програмата за енергетска ефикасност 2008 – 2012 година, според која веќе пет години се реализираат проекти во доменот на нејзината надлежност (улично осветлување, објекти на училишта и градинки и др.)

Новоста  е  објавена  на: 2012-02-14 11:35:09Извор: Општина Карпош