Проектот има три главни резултати, и сите активности се планирани во согласност со нив.
Резултат 1: Изработена национална база на податоци, која ќе ги вклучува и потребните климатолошки параметри по региони во земјата
Активност:Изработка на база на климатолошки податоци
Ангажиран е национален консултант да направи проценка, оценка и да ги утврди посебните технички аспекти во врска со изработката на базата на климатолошки податоци, со посебен акцент на потребните климатски параметри по региони и нивната компатибилност со методологијата за пресметување специфична за земјата.
На консултативен состанок со претставниците на УНДП, Министерството за животна средина и просторно планирање и техничкиот консултант ангажиран за Проектот, се одлучи да се побара од избраниот меѓународен консултант да направи дополнителен преглед на документот со цел да се обезбеди најдобрите меѓународни практики да се инкорпорирани во извештајот.
Наодите од финалниот извештај се презентираа на консултативна работилница која се одржа на 22-ри април 2010 во присуство на 40-тина релеватни засегнати страни.
Консултативен состанок беше закажан за 7 мај, со мала група на релевантни засегнати страни со цел да се финализираат отворените прашања од извештајот, односно потребните климатски параметри (часовни или просечни дневни вредности на температурата, влажноста, сончевото зрачење и ветерот – брзината и правецот), како и да се договори бројот на климатските региони и референтните станици.
Се изработи карта на климатски региони врз основа на разлика помеѓу 200 степен денови, и на тој начин државата се подели на 4 климатски региони.
Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди дневни податоци за сончевото зрачење, влажноста и температурата за 4 референтни станици (по една за секој климатски регион): Скопје – Гази Баба, Битола, Кавадарци и Кочани.
Управата за хидрометеоролошки работи, како официјална институција задолжена за собирање и проверка на климатолошки податоци, достави климатолошки податоци за следните четири референтни станици: Скопје, Битола, Берово и Демир Капија заедно со лична карта на секоја од нив (општи карактеристики на секоја станица).
Изработена е софтверска апликација наречена ExCITE,која ги содржи базата на податоци со инвентар на јавните згради и базата на податоци за климатските податоци. Во декември 2010 се одржа и обука за работа со софтверот за двајца претставници од секоја општина. Софтверот ExCITE може да се користи од 1 јули 2011.
Во однос на недостигот на одредени климатолошки податоци набавен е софтверот METEONORM, како најдобро решение за дополнување на климатолошката база .
Резултат 2: Изработен инвентар на јавни згради и динамичка база на податоци, идентификувана најефективна инвестициски ориентирана програма за енергетска ефикасност во јавни објекти во одбрани општини.
Активност: Изработка на инвентар на јавни згради
На почетокот на 2010 година се испрати прашалник до сите општини со цел да се соберат првичните податоци за инвентарот на јавни згради во земјата. Беа собрани општите податоци за сите јавни објекти со површина поголема од 1000m2 (околу 600 објекти) и истите беа анализирани за прв пат. Резимето на анализираните податоци беше презентирано на работилницата која се одржа на 22 април 2010. Сите општини номинираа по двајца вработени, и тоа еден енергетски менаџер и еден енергетски администратор (листа на лица номинирани од сите општини ). Овие лица, како дел од проектните активности, беа обучени за имплементирање на мерки за енергетска ефикасност во јавни згради (ноември - декември 2010) и за употреба на софтверот ExCITE.
Меморандуми за разбирање беа потпишани со ЕВН (3 март 2010) и со Топлификација (23 јуни 2010) со што се обезбедија реалните податоци за потрошувачката на енергија и топлинска енергија за идентификуваните јавни објекти и се олесни процесот на собирање на клучните податоци за софтверот ExCITE.
Инвентарот и базата на податоци исто така ќе се користат за да се пресметаат емисиите на стакленички гасови од јавните згради и да се оцени потенцијалот за нивно намалување со воведувањето на мерките за енергетска ефикасност. Сите податоци од софтверот ExCITE исто така ќе се користат и за изработка на инвестициски ориентирана програма за енергетска ефикасност во јавни објекти за неколку одбрани општини.
Активност: Идентификување на инвестициски ориентирана програма за енергетска ефикасност во јавни објекти
Ќе се изврши анализа на јавните објекти во однос на енергетската ефикасност и ќе се препорачаат најекономичните мерки за подобрување на енергетската ефикасност како основа за развој на ефективна инвестициски ориентирана програма за енергетска ефикасност.
Во врска со развојот на програми за енергетска ефикасност во јавни згради во одбрани општини, прво треба да се дефинираат критериумите за избор. Потоа ќе се избере консултантот / консултантска компанија која ќе ги изготви програмите.
Ќе се организира и заедничка работилница за избраните општини со цел да се претстават предлог програмите за енергетска ефикасност за секоја од нив, и да се финализираат во согласност со нивните коментари. Ќе се организира и настан за да се промовираат овие програми за енергетска ефикасност.
Резултат 3: Зголемена јавна свест и знаење за енергетската ефикасност и за мерките за заштеда на енергија во градежни објекти.
Активност:Зголемување на информираноста и знаењето како и имплементација на мерки за енергетска ефикасност во јавните згради
На почетокот на Проектот беше изготвена анализа на засегнатите страни со цел да се идентификуваат сите релевантни компании / организации кои работат во ова подрачје и да се создаде партнерска мрежа со релевантните засегнати страни. Резултатите од оваа анализа се содржани во базата на податоци до која може да се пристапи од првата страна на овој портал.
Со цел да се зголеми информираноста за енергетската ефикасност во градежниот сектор, за различни засегнати страни се организирани различни работилници, односно иницијална работилница и работилницата за општините.
Исто така ќе се одржи и обука за сите општини со цел: да се земе во предвид аспектот за енергетска ефикасност при проектирањето и изградбата на јавните објекти; да се истакнат најдобрите практики при имплементирањето на енергетската ефикасност и проектите за обновлива енергија во општините, во земјата и во ЕУ; да се претстави преглед на средствата кои се на располагање за финансирање на проектите поврзани со енергетска ефикасност и обновлива енергија.
На 2 септември 2010 беше организирана работилница на која се разгледуваа придобивките од подобрување на енергетската ефикасност во градежниот сектор и се презентираше искуството на Република Чешка од имплементирањето на Директивата на ЕУ за енергетска ефикасност во јавни згради.
Овој портал е изработен како место каде што ќе се собираат информациите за енергетска ефикасност, односно како канал за дистрибуција на информации и како врска помеѓу корисниците и доставувачите.
Изработени се и едноставни промотивни материјали: флаери, информативни листови, компакт дискови итн.
Од голема важност е да се допре до јавноста со информациите за енергетската ефикасност со цел да се зголеми свеста на граѓаните кои секако се крајни корисници на Проектот од една страна и се главните чинители за зголемување на заштедите на енергија од друга страна. Најекономичниот начин за дистрибуција на информациите за енергетската ефикасност во јавноста е преку печатот и медиумите. Проектната единица објави серија на написи во печатените и електронските медиуми на оваа тема.

English